Црногорскиот парламент  му ги ограничи овластувањата на Мило Ѓукановиќ

by Fokus

Парламентарното мнозинство во Собранието на Црна Гора, составено од пратениците на Демократскиот фронт (ДФ), Демократите и на Граѓанското движење „Ура” ги усвои измените на Законот за претседател на Црна Гора, со кои се ограничуваат уставните надлежности на претседателот Мило Ѓукановиќ.

Ограничувањата, според измените на Законот, се однесуваат на процедурата за избор на мандатар за состав на влада која преминува врз парламентарното мнозинство, како и назначувањето и отповикувањето амбасадори, овластувања што од Претседателот се префрлаат на Владата.

Според Уставот на Црна Гора, Претседателот на државата има ексклузивно овластување да предложи мандатар за состав на нова влада. Но, по последните измени на Законот за претседател, парламентарното мнозинство го префрли процесот во Собранието, со цел ДФ, Демократите и „Ура” повторно да се обидат да го предложат пратеникот и поранешен дипломат Миодраг Лекиќ за мандатар за новата влада.

Во септември пратениците го предложија Лекиќ за мандатар, но Ѓукановиќ одби, бидејќи во предвидениот рок не ги доставија потписите за поддршка на мандатот. Покрај тоа, тие не се консултирале со него иако така е пропишано со Уставот.

Наместо да предложи Лекиќ за мандатар, Ѓукановиќ побара скратување на мандатот на Собранието за распишување предвремени парламентарни избори. Парламентарното мнозинство го одби предлогот на Ѓукановиќ политичката криза да се реши по пат на избори.

Опозицијата со остри критики се произнесе по однос таквата одлука на парламентарното мнозинство. Одлуката ја критикуваа и бројни невладини организации, на што од парламентарното мнозинство со образложение дека законот е одговор на кршењето и узурпацијата на Уставот од страна на Претседателот.

Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Ѓукановиќ и опозициските партии блиски до неа го обвинија парламентарното мнозинство за извршен уставен удар, законско насилство и уривање на уставниот поредок на Црна Гора.

Поврзани новости