Црните облаци врз македонската култура

by Fokus

Додека Македонската (преименувана во национална) опера и балет е затворена институција поради наводно неплатени сметки за струја, а во Археолошкиот музеј на Македонија, преку ноќ, исчезнуваат музејски поставки што не им се по ќеф на Бугарите, мечот на самоуништувањето падна врз културата, и тоа врз сите нејзини пројавни облици

Пишува: Игор СМИЛЕВ

Најнапред морам да ве разочарам сите вас што го чекате референдумот што Христијан Мицкоски го најави за едно толку важно прашање, како што е „Договорот со Бугарија“. Поминуваат веќе педесетина дена, а од референдумот ни трага, ни глас.

Шпицниот патриот имаше поважна работа, да одмори во Црна Гора, да ги изгуби изборите во Маврово-Ростуше, да прележи уште две корони и гласно да молчи за операцијата за фалсификување на македонското културно наследство, кое на големо се „дигитализира“, далеку од очите на јавноста.

Во меѓувреме, повампирениот бугарски шовинизам ги живее најубавите месеци во неговата омилена Македонија, во која, како единствен и непореклив стопан, ја крои идентитетската судбина на Македонците.

Културниот геноцид на Северџанија е пуштен на најјако, но тоа не е причина некому „око да му трепне“ за очебијниот културен геноцид што ни се случува пред очи.

ГЕНОЦИДНА ЧИЗМА

Додека Македонската (преименувана во национална) опера и балет е затворена институција поради наводно неплатени сметки за струја, а во Археолошкиот музеј на Македонија, преку ноќ, исчезнуваат музејски поставки што не им се по ќеф на Бугарите, мечот на самоуништувањето падна врз културата, и тоа врз сите нејзини пројавни облици.

Така, министерката во скафандер препорача да се создаваат дела што ќе го забавуваат народот во време кога на народот му се плаче и ама ич мува не ја лази за криците на културните работници во земјава.
По серијата Македонија која никако да го здогледа светлото на денот, па стои прохибирана во некој хрватски бункер, уште една серија се најде под геноцидната чизма на црната легура на власт СДС-ДУИ.

Серијата „Црвениот поет“ посветена на животот и делото на Коста Рацин, во „Слобода“ ги живее морбидните денови на културно ропство, кои дури ни Рацин не можел да ги замисли. Оваа серија, иако е направена со пари на граѓаните, политбирото на врховистичките квислинзи не дозволува таа да биде емитувана.

СЛУЧАЈНА КАТЕГОРИЈА

Ако на ова ја додадеме и неподобноста на „Трето полувреме“, „Црвениот коњ“, „Волчја ноќ“, „Црно семе“ и редица други македонски филмови, кои, пожелно е да ги заборавиме, слободно можеме да констатираме дека македонската култура е сѐ што ИМАВМЕ. Таа повеќе не живее овде на овие наши географски ширини и должини.

Она што ќе следи е масовно затворање на театрите, мотивирано од цените на скапата струја, замирање на културниот живот во државата и долги прогони на сѐ што би „кренало глава“ во иднина.

Од другите сегменти на кои, исто така, црно им се пишува, за жал би ги издвоил и сите идни активности на Симон Трпчевски, особено со албумот „Македонисимо“, романот „Водена приказна“ на Александар Кукулев, новиот драмски текст на Зоран Пејковски „Нож“, „Дијалектите на македонскиот јазик, како нематеријално културно наследство“ на Александар Јордановски и уште редица други дела, кои никако да ги огрее македонското сонце.
Дај Боже да грешам, но случајноста во земјава одамна не е случајна категорија.

(Авторот е член на Централниот комитет на Левица)

Поврзани новости