ЦРМ: Агенцијата за медиуми мора да биде потранспарентна

by Фокус 12:48
12:48

Центарот за развој на медиуми (ЦРМ) се огласи со соопштение, со оглед на тоа што денеска истекува рокот за јавна расправа по Нацрт-деловникот за работа на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), тело кое што ќе биде надлежно да ја регулира работата на медиумите.

„ЦРМ има суштински забелешки на Нацрт-деловникот на Агенцијата особено на оние одредби кои ја ограничуваат јавноста и транспарентноста на работата на Агенцијата, како и на оние одредби кои овозможуваат дополнително финансирање на АВМУ и поголеми овластувања на директорот во трошењето финансиски средства“, се вели во соопштението.

- Advertisements -
Banner NISSAN_Okt_300x250

ЦРМ смета дека Агенцијата за медиуми мора да биде целосно транспарентна во својата работа и мора да обезбеди јавност на седниците на Советот.

„Нацрт-деловникот предвидува забрана за следење на седниците кога се изнесуваат информации од доверлив карактер, а притоа не дава никаква дефиниција за овој вид информации. На ваков начин се остава можност за манипулација со јавноста. Затоа, предлагаме да бидат избришани  одредбите кои ја ограничуваат јавноста на седниците, бидејќи тие во својата суштина претставуваат повреда на начелата на транспарентно и јавно работење на независниот регулатор“, велат од Центарот за развој на медиуми.

ЦРМ смета дека деловникот треба да содржи одредби кои ќе го гарантираат финансирањето на АВМУ само од приходи обезбедени од радиодифузната такса и надоместоците предвидени со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

„Секое финансирање на независното регулаторно тело надвор од средствата кои се собираат од радиодифузната такса и надоместоците кои се плаќаат за дозволи за вршење радиодифузна дејност, како што е предложено во Нацрт-деловникот, отвора можност за финансиско влијание врз регулаторот, и на тој начин се доведува во прашање неговата самостојност“, стои во соопштението.

 

Поврзани новости