Кило цреши 1.300 денари!? Па, ја гледам црешата во дворот – секоја трета скапана. Ранка е, зрее точно втората недела во мај – плодот кафен, како ’рѓа. А, грозјето, кајсиите, праските… Веројатно и тие се погодени од „балканските монсунски дождови“.
Освен природата што беше погодена, во меѓувреме страдаше и општеството. Да не ѝ ’рѓосаат лисиците на полицијата, веднаш ги стави во употреба, по „изборите“. За секој случај. Го уапси првиот синдикалец на докторите! Офталмологот д-р Дејан Ставриќ, кој дигна глас за достоинство на лекарите, е во истражен затвор.
Ни порачуваат дека сите што се осмелуваа и се осмелуваат да зборуваат гласно и слободно – се на мета. А лекарката што ослепе 50 пациенти, шета слободно и ниту име не ѝ знаеме. Ни пуштија и видео од апсењето, галиба сакаат и да пресудат веднаш – пред судот на јавноста. Уште една монтажа на власта?
Кога секој корумпирачки видео и аудиоматеријал од власта е монтажа и невистина – зошто ова да е веродостојно!? И што воопшто е вистина во земја во која полицијата и судството се лична сопственост на една рака луѓе и во која избори се добиваат со монтажи и со измами!?
НЕ ТРЕБА СЀ НА АЧИК ДА СЕ ВАДИ!
Додека ја пишувам колумнава, не го знам исходот од конгресот на опозицијата. Но, фактот дека таа ги откажа мандатите за пратенички места е доволно јасна порака до јавноста и тој чин за мене е повеќе од веродостоен. „Единството и дисциплината“ што се вежбаат во владејачката партија, освен што нѐ упропастија како општество, стануваат и лош пример за градење едно идно демократско општество.
Опозицијата, во која е дозволено да се мисли различно и да се дебатира – мене повеќе ми наликува на демократија отколку на „раскол“. Но, за жал, нашево незрело општество не знае да прави разлика меѓу „избор“ и „наредба“. Ми доаѓа да им кажам на некои опозиционери, кои се директни, немилосрдни и искрени, дека го делам нивното мислење, но дека не треба сѐ на ачик да се вади! Зашто власта од извадените „помии“ прави манџа со која ги полни празните народни глави, пардон стомаци. Не можев ни во сон да помислам дека, еден ден, намерното „правење будала од себе“ ќе стане авангардно движење во нашава земја!?
Државата пак се задолжила. Задолжувањата и оддолжувањата не можев да ги навтасам минатава недела, толку многу се вртеа на интернет-порталите. Владата се задолжила 46,4 милиони евра, па се раздолжила 30,5 милиони евра. Во 2015 година треба да вратиме 670 милиони евра!?
Цела среќа што имаме невидено добри експерти по финансии, кои се повеќе од магионичари. Телепатски ни влегуваат во џебовите, држејќи нѐ под длабока хипноза и ги телепортираат нашите пари во офшор-дестинации. И никој ништо не видел, ни чул, сите зјапаат недоветно и се прават наудрени. Оти тие работи можат само да се чувствуваат длабоко и скриено во нас, зад седум планини и реки, под катанец во една пештера, каде што си ја чуваме сиромаштијата – нашиот најголем срам!
НАГОЛЕМО ЈА РАСПРОДАВАМЕ НАШАТА СЛОБОДА
Ние станавме прекрасна и послушна публика што редовно аплаудира на најдолгото илузионистичко шоу на власта. Толку пати по ред во осум години ѝ „даваме“ доверба, заблагодарувајќи се по секоја успешно изведена офшор-телетрансакција.
„Слобода, тоа се три различни тегли со ист состав. Слобода е да имаш голем избор од едно исто, тоа е слободата на модерниот консумент. Слободен сум! – извикува ентузијастички Холанѓанецот и потоа тивко се губи во масата народ што прославува. Дали тоа, нашето право на слобода – е под голем сомнеж. Во секој случај, нашата каса весело ѕвони. Продава слобода!“ Вака ја опиша слободата колумнистот на холандскиот весник „Волкскрант“, Барт Смоут, на денот на ослободувањето од фашизмот, што во Холандија масовно и на улиците се слави.
А, ние? Ние наголемо ја распродаваме нашата слобода и стигнавме на 123. место во светот на листата на слобода на медиумите. Нашиот „модерен“ и слободен консумент се справува со тужби, извршители и со блокирани сметки. Кај нас преовладува „ѕвонот“ на клучевите од затворските ќелии. Тој го поклопува ѕвонот на прекуокеанските офшор-каси на „фамилијата“, кој никако да стигне до нашите уши. Молкот и суровото будење допрва нѐ чекаат. Кога ќе се разбудиме од хипнозата!