Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ синоќа одлучил дека партијата нема да го поддржи договорот за добрососедство со Бугарија во Парламентот на Република Македонија, соопштија денеска од ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението се наведува дека е добро да се потпише договор за добрососедство со Бугарија, заради зацврстување на соработката и пријателството меѓу државите и секако заради најавата на Бугарија дека поцврсто би го поддржала патот на Македонија кон полноправно членство во НАТО и Европската Унија, но не под овие услови кои се наведени во текстот од договорот.
„Со сегашните одредби на овој договор, можеби не веднаш, но по една и повеќе години од неговото потпишување, во времето на неговото спроведување, Македонија ќе се соочи со сериозни проблеми, чие решавање ќе биде на штета на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ под вакви услови не сака да ја споделува одговорноста која СДСМ ќе ја има пред граѓаните на Република Македонија и македонскиот народ, во ситуација кога СДС оди директно спротивно на волјата на мнозинството граѓани на Република Македонија“, стои во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ истовремено ги осудува и ги отфрла сите тврдењата дека се против влегување во НАТО и ЕУ, дека одработуваат за Русија или дека се антибугарска партија.