Дезинфицирани се сите објекти во селото Симница

by fokus

Министерството за здравство презеде повеќе активности во врска со двата смртни случаја од вирусна хеморагична треска од селото Симница.

Извршен е епидемиолошки увид, анкета на домаќинствата од починатите, извршена е дезинфекција и дератизација во домовите и околината на починатите лица, земени се мостри од водата за пиење, извршена е едукација за лични превентивни мерки и совет за јавување на лекар при појава на први симптоми на болест. Добиен е податок дека починатите и поголем дел од семејството работеле и често престојувале на свое приватно бачило.

Инспектор од Агенцијата за храна во соработка со претставници на Факултетот за ветеринарна медицина и надлежно Ветеринарно друштво направија теренски увид во бачилото при што е констатирана добра општа здравствена состојба на добитокот, земени се примероци од крв за серолошко испитување, како и сирење за лабораториска анализа.

Тимот од експерти од областа на здравството повторно излезе на терен и го посети бачилото во месноста Буковиќ, во близина на преминот Стража. На бачилото не се затекнати ниту лица ниту овци. Извршена е дезинфекција во затворениот објект, во отворениот објект и неговата непосредна околина како во близина на магацинот. Исто така, дезинфекција беше направена и на пошироката околина во самиот ограден простор и околу него.

На 27 јули во 16 часот одржан е трет состанок на Комисијата за заразни болести на кој се добиени серолошки позитивни резултати за присуство на хантан вирус кај починатите лица.

Центарот за јавно здравје Тетово и подрачна единица Гостивар со 5 екипи, на 28 јули извршија комплетна дезинфекција и дератизација на сите објекти (домови, штали, околина) во селото Симница.

Поврзани новости