Цивилизиран разговор без напредок: Лавров загрижен за ракетофрлачи, Кулеба отфрли капитулација

by Фокус

Средбата меѓу министрите за надворешни работи на Русија и на Украина, според украинскиот министер Дмитро Кулеба, не донела никаков позначаен напредок.

-Разговаравме околу прекин на огнот, но во тој поглед не е постигнат никаков напредок – изјави Кулеба пред новинарите во турскиот град Анталија.

По разговорот со неговиот руски колега Сергеј Лавров, Кулеба истакна дека не е постигнат договор ниту околу хуманитарни коридори за градот Мариупол на Азовското Море, кој со денови е опколен од руската војска.

-Украинците го осуетија планот на Русија – рече Кулеба, истовремено истакнувајќи дека Русија нема да добие капитулација од Украина.

Лавров, пак, по средбата со украинскиот колега укажа на веќе познатите предлози и барања од руска страна, како и дека се разговарало за хуманитарни прашања.

Шефот на руската дипломатија го критикуваше Западот за опасно однесување, посебно обвинувајќи дека ја снабдува Украина со смртоносно оружје, а не е јасно во чии раце можат да стигнат испорачаните ракетни фрлачи.

-Воената операција на Русија во Украина тече според планот – уверуваше Лавров.

Ова беше прва директна средба на министрите за надворешни работи на двете земји од почетокот на руската агресија врз Украина.

Двајцата политичари се сретнаа во Анталија во присуство на турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, откако Турција го понуди своето посредување.

Чуавушоглу изјави дека денешната средба на шефовите на дипломатиите на Украина и на Русија во Турција се одржала на „цивилизиран начин“ и покрај сите проблеми, а најважниот исход од разговорите, според него, е воспоставувањето контакт.

-Страните не го кренаа гласот, нивото на тензија не се зголеми за време на преговорите – нагласи тој.

Поврзани новости