Цивил: Власта ги понижува и дискриминира жените!

by fokus

ЦИВИЛ – Центар за слобода им го честита Меѓународниот ден на жената – 8 март, на сите граѓанки на Македонија, потсетувајќи дека борбата за рамноправност на жените е далеку од завршена.

ЦИВИЛ алармира за сѐ полошата состојба на човековите права и слободи на жените во земјата, за континуираната дискриминација, злоупотребата на жените на сите нивоа.

-Жените во Македонија сѐ уште немаат право на избор, голем дел од нив чекаат одлука од „главата на семејството“ за кого да гласаат. ЦИВИЛ нотира недоволна и неефикасна правна и судска заштита на жените жртви на насилство. Статистиките покажуваат огромен број на случаи на жени жртви на насилство, а дијаметрално спротиставен број случаи на казнување на насилниците. Не помалку загрижувачки се податоците за економската нееднаквост на жените. ЦИВИЛ во повеќе наврати предупредува дека жените се дискриминарни и малтретирани на работното место, особено работничките во текстилните фабрики кои работат во субстандардни услови за понижувачка плата, а често и без плата.
Фактот дека жената е предмет на стереотипи и предрасуди, па дури и во учебниците од кои учат децата, е доволен показател за тоа до каде (не) е стигната борбата за рамноправност. Општество во кое домашното насилство се прифаќа како традиција, каде самохраните мајки се сметаат за грешка на општеството, каде сѐ уште се општоприфатени фразите како „возиш како жена“, „збориш како жена“, „сама си го барала“, не е здраво општество кое се бори за правата на жените, велат од Цивил.

Тие ги потсетуваат родителите и педагозите дека осми март е повеќе од ден во кој децата треба да се натпреваруваат кој ќе донесе поскап и повреден подарок на учителките и наставничките и дека борбата за човекови права започнува од дома!

ЦИВИЛ им порачува на сите граѓанки во Македонија силно и гласно да се борат против овие состојби во општеството.

 

Поврзани новости