Центарот за слобода ЦИВИЛ бара Специјалното јавно обвинителство да ја прошири истрагата за изборни измами и да отвори предмет и за нерегуларностите на последните избори на 11 декември.
-Изборниот процес во Република Македонија ни оддалеку не беше „црно-бел“. Голем број сериозни нерегуларности се нотираат во над 650 извештаи на набљудувачите на ЦИВИЛ само на денот на гласањето, на 11-ти декември, да не говориме за голем број извештаи од долгорочното набљудување на политичките процеси во изборен контекст и пошироко.
За жал, Државната изборна комисија не ги искористи ингеренциите и авторитетот кои ѝ беа дадени според законот и кои се најшироки откако постои оваа институција во нашата земја. ДИК пропушти да го заштити интегритетот на оваа институција, не го заштити изборниот процес и правото на глас во спорните случаи, за кои јасно и конкретно ги информиравме.
Бараме од институциите да спроведат понатамошни истраги за изборните нерегуларности за кои ја известивме јавноста и испративме писма со укажувања до ДИК.
Нерегуларностите кои ги нотираа набљудувачите на ЦИВИЛ се очигледно последица од долгогодишната злоупотреба на системот и на институциите, структурното насилство и широко распространетата политичка корупција во земјата. Затоа, веруваме дека постојат повеќе од доволно аргументи да се прошири и мандатот на Специјалното јавно обвинителство и на измамничките практики и во текот на изборниот процес во 2016 година. СЈО и досега дојде до извонредни резултати во овој домен и сметаме дека овој предлог е повеќе од оправдан – велат од ЦИВИЛ.