Цивил: Се надевам дека помина времето кога новинарите се затвораа и тепаа

by Fokus 15:40
15:40

Мора да престане неказнивоста на оние што на каков било начин ја загрозуваат слободата на изразувањето и медиумските слободи и јавниот сервис мора конечно да и се врати на јавноста, а сите одоговорни за ерозијата на медиумските слободи да се соочат со правни последици, апелираа претставниците на Цивил-Центар за слобода, на денешната панел-дискусија на тема „(НЕ)Слободни медиуми во Македонија“.

Тие исто така наведоа дека политичките партии, институциите на локално и национално ниво и бизнисот мора да ја почитуваат слободата на изразување, соодветно на уставните, законските и меѓународните правни норми и стандарди.

– Законската регулатива мора да се хармонизира со потребите на медиумите од саморегулација. Законите кои ја регулираат медиумската сцена мора да се во чекор со времето и потребите на граѓаните, а не на центрите на моќ, односно да бидат општествено одговорни и вистински артикулатори на јавниот интерес, препорачаа од Цивил.

Тие констатираат дека финансиската независност на медиумите е услов за медиумските слободи, но и слободата на изразување во целост.

– Има големи промени на медиумската сцена по промената на власта. Не сум загрижен дали ќе ги нападнат новинарите или ќе ја искршат опремата, посочи Атанас Кировски, уредникот на тв Телма.

Синиша Станковиќ од Цивил изрази надеж дека времето во кое новинарите се затвораа и беа физички напаѓани ќе биде минато.

– Изминатиов период бележи подобрување во доменот на соработката меѓу граѓанското општество и медиумите, но тоа ни оддалеку не е на потребното ниво. Постои многу неискористен простор за суштинска и содржајна соработка меѓу двата сектори, особено ако се земат предвид глобалните трендови во оваа сфера, заклучија од Цивил.

Препораките на Цивил се добиени од истражувачките активности, особено од интервјуата со истакнати медиумски професионалци, експерти, активисти и претставници од граѓанското општество.

Поврзани новости