ЦИВИЛ ќе ги достави барањата за укинување на привилегиите на функционерите, објавени и во соопштението од 14 мај, до Собранието на РСМ утре (петок) во пет минути до 12 часот. По тој повод, претставниците на ЦИВИЛ ќе бидат на располагање на медиумите и заинтересираните граѓанки и граѓани за изјави на оваа или било која друга тема, во непосредна близина на службениот влез во Собранието.
Воедно, ЦИВИЛ уште еднаш ги повикува сите граѓанки и граѓани активно да се вклучат во контролата на трошењето на јавните пари и практикувањето на власта на локално и национално ниво. Ова подразбира дека се добредојдени и идеите за промена на постојните законските регулативи што не се во согласност со интересите на граѓанките и граѓаните. На располагање се сите канали за комуникација со организацијата.
„ЦИВИЛ – Центар за слобода бара од законодавната и извршната власт да му стават крај на расипништвото и повластиците во кои уживаат функционерите. Почнувајќи од поранешните претседатели, завршувајќи со раководителите на државните агенции и други институции, сите повластици мора да се укинат, односно да се редуцираат до ниво што е прифатливо за една сиромашна земја која се декларира како социјална држава, според Уставот.
Бесмислено е да се трошат огромни суми пари за доживотни повластици на поранешните претседатели на државата, без оглед на тоа дали тие биле на висината на својата функција или биле криминалци. Едноставно, нема ниедна логична причина тие доживотно да живеат во раскош на сметка на сиромашните граѓанки и граѓани на Република Северна Македонија.
Функционерите во законодавната и извршната власт, а секако и локалната самоуправа, мораат да се откажат од луксузните автомобили, од патните трошоци, од репрезентативните издатоци, прескапи патувања за кои имаат слаби изговори, луксузниот мебел, набавки на уметнички дела за „декорирање“ на нивниот работен простор и сите останати удопства на кои полагаат право врз основа на закони зад кои стојат сомнителни, па и криминални мотиви.
Сѐ што е до сега набавено, мора да се продаде, а средствата да бидат наменети за подобрување на образованието, здравството и безбедноста. Наместо локалните шерифи да се возат во автомобили од над 50.000 евра, треба да се набават противпожарни и амбулантни возила, или автобуси за учениците. Наместо да се прејадуваат по ресторани, функционерите мораат да работат на борбата против корупцијата и сиромаштијата во земјата.
Апанажите мора да се укинат или да се сведат на минимум. Во оваа земја социјалната помош му се укинува на примателот, ако заработи екстра приход од собирање пластични шишиња во вредност од 300 денари. Неприфатливо е да се креираат, а потоа и до максимум да се користат сите прописи според кои функционерите, практично, не мораат во ниеден момент да посегнат по својот џеб. Секоја чест на исклучоците за кои знаеме дека ги има и чесно и одговорно се однесуваат кон јавните ресурси. Но, поединечните добри примери меѓу функционерите не се доволни!
ЦИВИЛ бара да се ревидираат сите законски регулативи според кои им се даваат прекумерни повластици и на актуелните и на функционерите во заминување. Во време кога ни умираат деца поради лошото здравство, кога младите во огромен процент се функционално неписмени, кога луѓе гладуваат и се мрзнат по своите домови, не може да се трошат 165.000 евра годишно за некого, па нека е тоа и поранешен претседател.
ЦИВИЛ бара воведување стандарди според кои набавките ќе бидат не само транспарентни, туку и рационални! Возилата не смеат да бидат луксузни, ни во голем број, туку да одговараат на практичните потреби на институциите и луѓето што ги раководат. Истото се однесува на сите останати аспекти од нивното трошење.
Доколку властите не почнат итна постапка за корекција на законските регулативи според кои се трошат вртоглави суми пари за повластици на функционерите, граѓанките и граѓаните треба да го искористат и своето право на протест“, велат од ЦИВИЛ.