ЦИВИЛ: Луксузни огради, споменици, фонтани на сметка на сиромашните

by Фокус

Лицемерието на власта нема крај. На удар се и најзагрозените граѓан(к)и во државата. Од оваа година на стотици социјалци им се укинува паричната помош затоа што добиле дополнителни средства по разни основи. Такви се случаите со лица кои примиле средства од странство за лекување, станале добитници на скромни награди од лотарија и наградни игри или примиле хонорари. Со вакво соопштение излегоа од Центарот за слобода, ЦИВИЛ, реагирајќи на укинувањето на парична помош на стотици социјалци годинава.

– Наспроти лажното намалување на социјалните случаи и континуираното зголемување на бројот на вработени во администацијата стои суровата реалност на луѓето кои одвај преживуваат. Споменици, кичести фасади и луксузни огради се градат врз грбот на сѐ посиромашните граѓанки и граѓани – се наведува во испратеното соопштение.

Од ЦИВИЛ најостро ја осудуваат крајно проблематичната социјална политика на власта која нема никаков слух за растечката сиромаштија во земјата.

– Бараме од власта не само да престане со укинување на социјалната помош на најранливите категории граѓан(к)и, туку да ја зголеми соодветно на нивните потреби. Воедно, ја споделуваме со јавноста и нашата загриженост поради практиките на власта која од најранливите категории во општеството прави клиенти и манипулира со нив во полза на своите дневно-политички потреби – се наведува во соопштението.

Поврзани новости