ЦИВИЛ: Гласач пеел народни песни и непристојно зборувал на избирачко место

by fokus

Невладината организација ЦИВИЛ укажува на неколку нарушувања на гласачкиот процес во извештајот за вториот круг од локалните избори.

„Во основно училиште во село Лескоец, Охридско, на избирачкото место 1307, гласач пеел народни песни и им се обраќал со непристојни изрази на присутните.

Кон набљудувачот на ЦИВИЛ на ИМ 2589 во ООУ „Јоаким Крчовски“, во скопската општина Ѓорче Петров, има приговор од ИО зашто овластувањата немаат деловоден број, зашто беџот е без име и презиме итн.

Неовластено лице се обидело да го идентификува набљудувачот на ЦИВИЛ на избирачкото место 2919 во ОУ „П. Здравковски – Пенко“ во Бутел.

Набљудувач на политичка партија внатре во ИМ 1786 во Ново Село зборувало на телефон, порачувајќи „да дојдеш да гласаш и ти и сестра ти“.

Партиски набљудувачи на политичка партија приговарале и вербално реагирале зашто не им е овозможено да набљудуваат на ИМ 1031, во ОУ „Наим Фрашери“ во Куманово. ИО правилно постапува со тоа што не им дозволува, бидејќи во вториот круг тие не може да бидат овластени претставници на подносители на листи, оти не учествуваат т.е. немаат своја листа во вториот круг, наведува ЦИВИЛ.

На ИМ 0835 во Кочани, гласач пред да го пушти ливчето во гласачка кутија, јавно кажал за која партија гласал.

На ИМ 2770 во Кисела Вода било забележано читање на имињата и презимињата на гласачите на глас, како и на ИМ 0750 во Кичево.

Членовите на ИО во ОУ „Ѓорги Сугарев“ во Битола не ги познаваат изборните правила во однос на гласањето со придружба, истакнуваат од ЦИВИЛ.

На лицата кои се неписмени, односно имаат три ХХХ во личната карта кај местото за своерачен потпис, не им било дозволено да гласаат со помош на придружбата која ја носат, што е спротивно на изборната регулатива. Гласачот кој не е писмен, а за кој тоа е констатирано во самата лична карта, има полно право да гласа со помош на придружбата која сам ја донел и членовите на ИО не смее да бидат тие кои ќе му асистираат, ниту пак тоа да биде некој од редовите на случајните гласачи.

Во ОУ „Даме Груев“ во Битола, две избирачки места се лоцирани во една иста просторија, што е спротивно на ковид-протоколите.

На неколку избирачки места во скопската општина Бутел, како и во Куманово, забележано е групно и семејно гласање.

Во ОУ „Коле Неделковски“ во скопски центар гласањето доцнело три часа поради нефункционалност на апаратот за отпечаток.

Повеќе избирачки места не биле пристапни за гласачите со физичка попреченост. Вакви случаи се забележани во Демир Капија и на неколку избирачки места во скопски Аеродром.

Забележани се и други нерегуларности во однос несоодветни услови за работа и за гласање во Ранковце, како и во скопските општини Ѓорче Петров, Чаир и Бутел.

Поврзани новости