ЦИВИЛ Фем е неформална група граѓанки и граѓани која делува како составен дел од ЦИВИЛ – Центар за слобода. Оваа група се залага за родова еднаквост и максимални права и слободи на жената, како и за правата на ЛГБТИ заедниците. ЦИВИЛ Фем смета дека нема простор за честитки и прослава на Меѓународниот ден на жената, 8 март, туку е причина повеќе за гласност и борба.
Целото нивно соопштение ви го пренесуваме интегрално:
Од далечната 1908 година, од излегувањето на жените на улиците за да протестираат против војната, до денес, 8 Март е ден со кој се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите.
Денеска е 8 март 2015 година и таа борба сѐ уште трае.
Во Македонија жената се уште се бори за своето достоинство, за правда, за одлучување за своето тело, за поголема застапеност во сите општествени гранки…
Сѐ уште е мал процентот на жени на високи функции во државната и локалната администрација или во приватниот бизнис. Жената во Македонија има уставно право на глас, но тој глас е изманипулиран, како и многу други аспекти на изборните процеси. Жената во Македонија нема право да реши за својот род, нема реална заштита од семејно насилство, сексуално малтретирање или мобинг.
Наспроти човековото право на државјанство, голем број жени во Република Македонија немаат државјанство иако ги исполнуваат сите услови за тоа.
На работното место, жената е често малтретирана и помалку платена. Работничките права на жената во Македонија се газат секојдневно на сите нивоа.
Религијата, лажните вредности и традицијата се изговор за жената да се држи во потчинета положба во семејството, во јавноста, во општеството и во сферата на државните политики и практики.
Официјалните политики на државните институции ја третираат жената како репродуктивно средство и како објект на субординација и декор. Се носат закони со кои правата на жената се намалуваат или укинуваат, спротивно на Уставот. Тие закони ги гласаат и жените пратенички на владејачката коалиција во парламентот, што претставува уште еден доказ за потчинетоста и партиската манипулација со жената, нејзината крајно формална позиција во политиката.
Повиците за учество и застапеност на жената во политиката, односно институциите на власт со 30 проценти, ЦИВИЛ – Центар за слобода ги смета за дефетистички и потценувачки.
Бараме најмалку 50 проценти застапеност на жената во политиката и државните институции, соодветно на нивната застапеност во општата популација. Тоа би бил само прв чекор – улогата и застапеноста на жената не смее да биде декларативна, односно декоративна, туку реална, како што е пропишано според меѓународните стандарди на кои е обврзана и Република Македонија. Уставните измени кои неодамна ги наметна владата се само обид да се озакони потчинувањето на жената. Тоа не смее да го дозволи. Ние не ги признаваме тие измени и ги сметаме за атак врз демократијата и човековите права и слободи.
Со години наназад одново и одново се кршат правата на жените, а неправдата станува сѐ поизразена.
Понижувањата на жените во институциите, работното место, нивното место во општеството, па дури и во учебниците за основно и средно образование, мора да се престанат веднаш!
Родовата нееднаквост мора да се искорени, социјалната правда мора да важи за сите!