Цитостатици во аптеката на скопската Клиника за онкологија можат да се најдат од 100 до 5.000 евра за различни видови на карциноми, неофицијално дознава „Фокус“.
Веќе неколку денови е актуелен случајот со вработената медицинска сестра на клиниката, која како што објави „Фокус“ по вторпат е фатена како краде цитостатици.
Првиот случај беше пред три години, кога беше суспендирана од работа и после шест месеци повторно вратена и сега, кога во нејзиниот автомобил нашле украдени ампули.
Според нашите информации, таа била задолжена за ампулите, кои подоцна ги крадела. Процедурата покажува дека сите тие скапи цитостатици се чуваат во аптеката на самата клиника и веднаш откако лекар ќе ја препише терапијата на пациент, тие се требуваат од аптеката и се носат на болните од карцином, кои имаат потреба од цитостатикот.
Првиот пат, кај неа биле пронајдени ампули Доксорубицин, а вториот пат околу 20 различни типови на ампули цитостатици.
Се уште нема официјални информации како медицинската сестра ги изнесувала цитостатиците, но нашите извори тврдат дека била фатена на камера и веднаш пријавена. Таа не крадела само еден ден, туку подолг временски период.
„Фокус“ и денеска се потруди да стапи во контакт со актуелната директорка Виолета Клисарова, за да ни каже за кои цитастатици се работи, но таа не одговори на нашите прашања.
Само, претходно истакна дека се точни информациите дека од нивната клиника е вработената медицинската сестра, која крадела апмули и за тоа е покрената истрага.
„До тогаш само тоа можам да кажам“, истакна Клисаровска.
Како што веќе објавивме, откако првиот пат била фатена како краде, вработената била суспендирана од работното место, но за само шест месеци била повторно вратена, повикувајќи се на Законот за работни дека ако се уште не е завршена истрагата, таа се враќа на работа.
Се уште не се знае до каде е и првата истрага против неа, а веќе е покрената нова.
Ирена Мулачка