Лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас му се заблагодарил на папата Франциск за споменувањето на Договорот од Преспа за време на говорот во Претседателската палата во Атина кога ја изрази неговата почит „за тешкиот пат што доведе до Договорот од Преспа, потпишан меѓу Грција и Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.
Ципрас утрово се сретна со папата во Амбасадата на Ватикан во Атина, а по средбата според она што го објави на социјалните мрежи, разговарале за мигрантското прашање, за пандемијата, но и за Договорот од Преспа.
-Му се заблагодарив за неговото споменување на Договорот од Преспа. Ако можевме да придонесеме за мирен соживот и борбата против национализмот што ги дели народите и предизвикува војни и конфликти, бевме на вистинската страна на историјата, напиша Ципрас на Фејсбук.
Паралелно, му се заблагодарил и за неговата „сурова искреност во неговите говори и за непоколебливата одбрана на човековите права и социјалната правда“.