Работиме што побрзо да имате столче на масата на ЕУ, рече Ескобар

by fokus

САД изразуваат силна поддршка за брза европска интеграција на Северна Македонија и работиме со нашите европски партнери да обезбедиме тоа да се случи што е можно најбрзо, изјави денеска американскиот заменик помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Габриел Ескобар, кој е во официјалната посета на земјава на заедничката прес-конференција со шефот на дипломатијата Бујар Османи.

– Северна Македонија е дел од Европа, културно, историски и економски дел од Европа и треба да имате столче на масата на ЕУ. Во тој поглед ќе продолжиме да ги поддржуваме вашите напори да се покаже флексибилност во процесот на европски интеграции, како и продолжување на рефомскиот процес за тоа да стане реалност, рече Ескобар.

Тој изрази благодарност за партнерството на САД со Северна Македонија, посочувајќи дека тоа не е само партнерстство, туку пријателство и сојузништво.

– Ние делиме заеднички вредности кои се во основа на нашата стратегија на споделени вредности. Ја изразувам благодарноста на Северна Македонија за континуираната поддршка и посветеност во НАТО, додаде Ескобар.

Османи од своја страна му изрази благодарност на Ескобар за неговата прва посета на Скопје.

– САД остануваат наш стратешки партнер и кредибилен сојузник, благодарни сме за јасната и гласна поддршка од САД. Во таа смисла нашите стратешки интереси се сто отсто комплементарни со интересите на САД, рече Османи.

Шефот на дипломатијата истакна дека европската перспектива на Западен Балкан е најсигурна инвестиција во регионот.

Тој изрази благодарност за посветеноста и фокусот што САД го даваат на регионот на Западен Балкан.

– За тоа сведочи и денешната посета на г. Ескобар, но исто така уште поважна е извршната наредба на претседателот Бајден која е златна гаранција за важноста и неповредливоста на договорите кои се темелот на мирот, стабилноста и демократскиот развој на регионот – Дејтонскиот договор во Босна, а кај нас Охридскиот рамковен договор и договорите со Бугарија и Грција, рече Османи.

САД, додаде Османи, одиграа клучна улога во постигнување на долгорочна стабилност, демократизација и просперитетна Северна Македонија, но и целиот регион.

Поврзани новости