Се направија некои чекори за приближување, имаше и знаци на разбирање и добра волја, рече грчкиот премиер на средбата со претседателот на Грција, во однос на развојот на настаните во македонско-грчките односи. Во почетниот дијалог пред камерите, јавува дописникот на МИА од Атина, Алексис Ципрас и Прокопис Павлопулос, го споменаа и иредентизмот.
– Мислам дека имаше обид за приближување и се направија некои чекори. И во однос на знак на разбирање дека прашањата за иредентизмот се прашања што треба да станат приоритет кон решавање. Мислам дека е позитивна и знак на добра волја промената на имињата и на аеродромот и на автопатот што ги поврзува двете земји, бидејќи тоа е критично прашање, сите имаме голема чувствителност, никој не може да ја преземе историја на друг народ. Оттука па натаму, мислам дека во следниот период ќе инсистираме на интензивирање на нашите обиди – рече грчкиот премиер и додаде дека неговата влада се обидува да ги реши прашањата што долги години се нерешени.
Грчкиот претседател, говорејќи за Македонија, го спомена иредентизмот како најголем проблем.