Ципрас- Павлопулос: Потребен е широк консензус за решавање на спорот со името

by fokus

Грчкиот премиер Ципрас  го информираше претседателот  на Грција Павлопулoс, за текот на преговорите за решавање на спорот за името.

„Ние ја застапуваме линијата која ја имаме веќе две децении, а ја подржува огромното мнозинство од политичките сили“ му реферираше Ципрас на грчкиот претседател.

Ципрас рече дека предуслов за решение е уставна ревизија од страна на соседите, да се напушти каква било форма на иредентизам и дека Владата бара што е можно поголем консензус.

Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, според грчките медиуми, исто така ја нагласил потребата од широк консензус.

„Политичките сили имаат разлики, но за националните прашања потребен е најголем можен консензус за  да бидат одржливи  и за Грција да има поголема моќ за преговарање”, рекол меѓу другото Павлопулос.

Ципрас смета дека е бесмислено да се зборува за кое било име ако претходно не се усполнат двата клучни услови поставени од грчка страна, а се однесуваат на ерга омнес. Грчкиот премиер оценува дека преговорите се во критична фаза за изнаоѓање заемно прифатливо решение, проблем кој како што рекол, ја оптоварува грчката надворешна политика со децении.

Лидерот на грчката опозициска партија Неа демократиjа, Кирјакос Мицотакис и поранешниот министер за надворешни работи, социјалистот Евангелос Венизелос го отфрлија предлогот „Република Илинденска Македонија” како иредентистички.

Извори од Неа демократија изјавиле дека Илинден се поврзува историски и директно со напорите за формирање, како што пишува весникот, „македонска” држава која го вклучува Солун и се протега до Егејско Море.

Грчките медиуми пишуваат дека против предлогот „Република Илинденска Македонија“ е и опозициската Комунистичка партија на Грција. По телефонскиот разговор што го имал со Ципрас, нивниот генерален секретар Димитри Куцумпас изјавил дека „Илинденска“ е етничка а не географска одредница, што е во спротивност со основното барање на Грција за решение на спорот за името.

Поврзани новости