Атина и Скопје постигнаа историски договор за решавање на дводеценискиот спор околу името, изјави денеска грчкиот премиер Алексис Ципрас.
– Носам добри вести. Пред малку стигнавме до договор со премиерот на поранешната југословенска Република Македонија, му рече грчкиот премиер Алексис Ципрас на претседателот Прокопис Павлопулос на почетокот на нивната средба во претседателската палата за да го извести за постигнатиот договор.
Грчкиот премиер рече дека договорот во грчкиот парламент ќе дојде откако македонската страна ќе ги исполни сите предвидени обврски, меѓу кои и уставната ревизија.
– Овој договор, овој добар договор кој во големс мерка е позитивна разврска за нашиот регион, прво ќе треба да се имплементира од нашите соседи за веднаш потоа да го сториме тоа ние, додаде Ципрас.
Претседателот Павлопулос, пак, рече дека сега останува на соседната земја да го исполни тоа на што се обврзала со договорот, како што е промена на Уставот.
– Предуслов за било каков договор е ревизија на Уставот на поранешната југословенска Република Македонија, а од тука ќе се оцени договорот што ќе дојде за ратификација во парламентот. Од промените што ќе се направат ќе се види дали од соседната земја ќе се исполнат обврските што сега ги презема, рече Павлопулос.
Грчкиот претседател беше првиот кого Ципрас го информираше за договорот, а веднаш откако заврши средбата започна циклус телефонски разговори со лидерите на политичките партии. Грчкиот премиер од претседателот на парламентот ќе побара да закаже расправа за постигнатиот договор.