Она што го објави господинот (Киријакос) Мицотакис за штрајкот е типичен пример на радикална конзервативна перцепција за уставно гарантираното демократско право на работниците да штрајкуваат, напиша лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас на Фејсбук, одговарајќи на коментарот на грчкиот премиер во однос на вчерашниот генерален штрајк, jави дописничката на МИА од Атина.
Поранешниот грчки премиер додава дека „дури ни (Виктор) Орбан во Унгарија не би напишал подобро“ и коментира дека ставот на Мицотакис има „знаци на режимски менталитет“.
-Нетолеранција за штрајковите, нетолеранција за различните мислења, нетолеранција за работничките права, нетолеранција кон демократијата. Се ова се знаци на режимски менталитет. Бидејќи победи на изборите, мисли дека никој не треба да му пречи. Партиите, парламентарните процедури, весници, штрајкувачите. Тишина сите! Му пречи на премиерот…, напиша Алексис Ципрас на официјалниот Фејсбук профил.
Одговорот на лидерот на СИРИЗА доаѓа по ставот на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, исто така изразен преку Фесбук во однос на вчерашниот генерален штрајк и малото учество на граѓаните, на протестот во Атина.
-Уште еднаш, малкумина штрајкуваат, многумина страдаат, напиша Мицотакис и додаде дека тоа е бидејќи одредени синдикалци реагираат на транспарентноста.
Грчкиот премиер додаде дека нивниот закон предвидува во здруженијата, федерациите и слично, мнозинството да одлучува за ставот на работниците и вклучување на можноста за електронско гласање.
-Ние сме на страната на милионите граѓани кои денеска поминуваат низ тешкотии, бидејќи така сакаше малцинството. Грците веќе се изморија да поминуваат низ тешкотии што се практики од изминатите децении. Време е да одиме напред. И ќе одиме!, напиша грчкиот премиер на Фејсбук.