Грчкиот премиер Алексис Ципрас изјави денеска дека грчките стопанственици би можеле да ја играат клучната улога во економскиот раст на Македонија, пренесува грчката агенција АНА-МПА.
-Грчкото стопанство има потенцијал да игра доминантна улога во економскиот раст на Северна Македонија, паралелно со позитивниот замаф кој го предизвика Договорот од Преспа – рече Ципрас на денешниот состанок со најистакнатите бизнисмени од северниот дел на Грција.
Тој ги повика бизнисмените да ги искористат можностите кои се отворени по потпишувањето на Договорот и додаде дека грчката влада ќе ги создаде потребните услови за тоа.
Состанокот се одржува во пресрет на посетата на Ципрас во Скопје, кој треба да пристигне на 2 април заедно со министри од грчката влада и бизнис делегација.
АНА-МПА објави дека во бизнис делегацијата што ќе го придружува грчкиот премиер ќе бидат вклучени над 70 големи и средни компании.