Економски и геополитички, Европа е големиот губитник од војната во Украина, Европската унија има недостиг на лидерство, визија, стратегија, порача претседателот на СИРИЗА Алексис Ципрас за време на денешната прес – конференцијата на маргините на Меѓународниот саем во Солун.
Лидерот на грчката опозициска партија за време на традиционалната прес – конференција речиси три и пол часа одговараше на прашања на новинарите поврзани со различни актуелни теми во Грција.
За руската инвазија ја изрази поддршката за Украина, велејќи дека тие секогаш се со оној кој се брани и се против инвазијата и прекршувањето на суверените права на една земја. Воедно, тој упати критики до ЕУ, но и истакна дека е важно мерките за Русија континуирано да се оценуваат.
-Сметаме дека од страна на Европската унија постои голем недостиг на стратегија. Сметаме дека од оваа голема криза во Украина, големиот губитник, освен украинскиот народ и луѓето кои ги загубија животот, големиот губитник, економски, геополитички е Европа која има огромен недостиг на стратегија. САД не губи, ниту економски ниту геостратешки. Економски не губи ниту Русија. Рубљата стана една од најсилните валути. Од зголемувањето на цената на природниот гас и огромните залихи, успеа да стане регулатор, да ја отвора и затвора славината. Европа е таа која е во вител- рече Ципрас.