Договорот не ја признава македонската националност, го признава само правото на нашите соседи да се самоопределуваат, изјави премиерот на Грција, Алексис Ципрас, во интервју за грчката телевизија ЕРТ.
Неговите поенти дадени во интервјуто, беа пренесени и на неговиот твитер профил.
„До денеска 140 земји ја признаваа Македонија како „Македонија“. Со договорот ние воспоставивме „Северна Македонија“. Кога ќе биде направена уставната ревизија во Македонија, ние ќе го ратификуваме договорот. Во спротивно договорот ќе биде поништен“, порача Ципрас.
Тој одговори на обвинувањата на грчката опозиција и рече дека јавноста била информирана за текот на преговорите и дека немало ништо зад затворени врати.
„Договорот ќе помине кај мнозинството во парламентот. Има партии кои гледаат позитивно на неговото постигнување. Кога се носат вакви одлуки во надворешната политика, најбитни се интересите на земјата. Јас не се плашам, но ги почитувам реакциите на граѓаните. Од патриотски интерес е да се затвори прашањето кое не прогонуваше со години. Зошто да ја оставиме отворена оваа рана?“, рече тој.