Цвета Шивачева, или како што најблиските ја викаат Цеца, е една од оние жени за кои годините се само бројки. Струмичанката која цел живот го минала зад машината за шиење, малкумина знаат дека била задолжена за шиење на гардеробата на легендарниот фолк музичар Гоце Арнаудов и групата „Крик“.
Неговите уникатни креации по кои беше познат и кои секогаш привлекуваа внимание, ги правела со љубов и многу посветеност, бидејќи тој не само што бил нејзин клиент, туку беше и нејзин зет за ќерката Силвија.
Од бракот со Силвија Арнаудов ги има ќерката Харита и синот Оскар, а Харита, по повод роденденот на нејзината баба Цеца, ни ја раскажа нејзината животна приказна, но и одговори на често поставуваните прашања, како таа успева да изгледа како да е неколку децении помлада, но и да биде во одлична форма, и редовно да се грижи за правнуците. Своевремено, Шивачева работела во Политекс и во струмичките фабрики како шивачка и контролор на предиво. Иако нејзиниот сопруг бил еден од директорите во фабриката, таа секогаш била скромна и никогаш не барала многу од животот, ниту пак од работата.
-Неверојатна жена, мајка, баба, прабаба, без која не можам да го замислам животот! Секогаш била вредна, работна, ги изгледала мајка ми и вујко ми, потоа нас, внуците, сега со истата љубов и жар се грижи за моите деца и е моја десна рака. Многу е креативна, затоа и шиеше за татко ми и за групата „Крик”, зад неа останаа многу интересни креации, секогаш има оригинални идеи. И мислам дека токму тоа, таа работливост, таа љубов кон потомството, е она кое постојано ја одржува. Многу се движи, активна е, пешачи… Нема некој посебен режим на исхрана, но затоа пак сите ние постојано уживаме во нејзините рецепти – раскажува Харита.
Додава дека Цеца е во состојба во исто време да готви и да ги чува нејзините деца, исполнета со елан и позитивна енергија во секој момент од денот.
-Кога ќе се спомне дека некој има осумдесет години, тука дефинитивно не се вклопува сликата на баба Цеца, таа е за нас чудо од жена, доказ дека годините се само бројка. Голема инспирација ни е на сите, благодарни сме што ја имаме – ни изјави Арнаудова.
Вики Клинчарова