Родена сум и живеам во општина Центар. Според тоа, моето гласачко право го реализирам во истата општина. Не сум пропуштила ниту една прилика да гласам. Ќе се избањам, ќе се средам, личната карта и патот под нозе. Така, фино ми е, некако катарзично, кога ќе го спуштам превитканото ливче во пластичната кутија. Моето мало бисерче во кутијата на демократијата.
Дури откога ги преслушав прислушуваните разговори од периодот на последните локални избори, го сфаќам целото значење на вмровскиот пораз во Центар. Не дека не знаев за „малите човечиња што се држеле за рачиња“ од Пустец, не дека не бев информирана за „случајната“ хаварија на лифтовите низ целиот Капиштец, не дека сум заборавила колку пати се прегласуваше вториот круг за градоначалник, ама дури сега, сум свесна која машинерија била впрегната против нас. И колку далеку претерале и забегале во својата патолошка желба да победат во Центар, што дури и самите си признаваат дека веќе „нема лезет“.
Не беше одамна. Многу добро паметам и знам дека дека сите оние кои гласаа за Жерновски, не беа членови или симпатизери на СДСМ или на ЛДП. Тие само реагираа, дадоа отпор на жестоката пресија на власта. Не се исплашија, не потклекнаа и не дозволија да бидат „контингент“. Никогаш нема да ги заборавам колоните старци кои пешки слегуваа од 11-ти кат за да одат да гласаат против. Точно, да гласаат против. Затоа што некој партиски неранимајко (беше спомнат извесен Гиевски, кого би сакала барем еднаш да му го видам суратот) им ги беше исклучил лифтовите. Знам дека излегоа на гласачки места и луѓе кои никогаш не гласале заради сопствени принципи. На секои повторени избори во вториот круг, а видовме и слушнавме како било режирано (лажирано) повторувањето, имаше се’ поголем број гласачи. Неутрални, аполитични, повлечени луѓе кои ни под разно не би излегле да гласаат. Од друга страна, пак, не дозволија некој да ги прави будали. Едноставно, на локалните избори во 2013 година, во Центар се случи – слобода.
И нека не ми раскажуваат разноразните аналитичари дека актуелниот режим е начнат од „бомбите“ на Заев. Тој е начнат во Центар. И тоа право во центарот, каде што најмногу боли. Каде што е барокната зграда на Владата во стиропор верзија, каде што е Парламентот со новите кубиња, каде што се сите Министерства и, пред се’, каде што е „Скопје 2014“.
Јас сум од Центар – тоа ќе биде следниот синоним за слободен, пркосен и непопустлив граѓанин. Сакам цела Македонија да биде Центар. Ете тоа сакам. Сите да бидеме од Центар.
универзитетски професор Гордана Попсимонова