ОТВОРЕНО ПИСМО: Здружението за криминалци на Македонија се оградува од криминалите на Власта!

by lali

„Ние како здружение за криминалци со реноме сме згрозени од криминалите што оваа власт ги направи на последните избори, па оваа прилика ја користиме да и соопштиме на целата македонска јавност дека немаме никаков удел во нивните криминали. Ова е против сите наши морални вредности, а се коси и со еден од нашите главни столбови што се базираат на осетот од кого и што да крадеме. Ние сме луѓе со достоинство и знаеме дека народот не заслужува да му биде одземено и украдено правото на избор.

Пред последните бомби, поради зголемениот обем на работа на МВР, дури и решивме да им излеземе во пресрет и сите заедно да овозможиме привремено намалување на процентот на криминали во државата. И тоа така да биде се додека не поминат збиднувањата со бомбите, но ова што го слушнавме е премногу дури и за нас. Па згрозени од тоа што го слушнавме, со ова наше отворено писмо сакаме да ја уверуме македонската па и светската јавност, дека во овие криминали нема учество на членови од нашето здружение. Сите тие човечиња што се на аудио снимките се некои кои направиле нелегитимно контраздружение, па ако некогаш одговараат за направените криминали треба да одговараат оделно и да бидат пример за сите идни криминалци. Ние толку време опстојуваме и дејствуваме како здружение градејќи имиџ кај народот преку голем број на криминали, но вакво нешто како ова со изборите до сега не сме направиле, па дури не сме ни слушнале и не сме ни виделе. Ова е крајно подло и лицемерно крадење на човечкото достоинство“, се вели во отвореното писмо на ЗКМ.

Инаку, за тие што не знаат, ЗКМ е македонско злосторничко здружување основано уште во почетокот на 90-тите години, кое во последно време сè почесто се истакнува и се докажува со своите злоупотреби на службена должност и на овластувања.

 

Напомена: Вестите се измислени и сатирични и служат како пародија од моменталните политички збиднувања во државава. Но не ја исклучуваме можноста тие во иднина по некоја случајност да станат реални и точни. 

 

П.С. Сатирата е последниот бастион на слободата на говорот!