Цената на лебот и на останатите основни прехрабени производи во земјава нема да се промени во следните 1,5 до два месеци, иако има промени во цените на житото на светските берзи, велат пекарите.
Тие велат дека по два месеци повторно ќе се направи анализа со оглед на руско-украинскиот конфликт и турбуленциите на Блискиот Исток, како и поради поскапувањето на нафтата кое може да значи потенцијална повисока цена на суровините во прехранбената и општо, во целата индустрија.
Како што оценува Агро-бизнис комората на Сојузот на стопански комори (ССК), многу поголем проблем од цената на лебот во моментов е ликвидноста на компаниите и одливот на работна сила во секторот.
– Стигнаа информации од големите производители како Украина и Русија дека таму не се знае како ќе се одвиваат жетвите поради воените дејства, што влијае врз берзата. ФАО истакна некој процент на зголемување на цената на житото. Тоа, сепак, е незначително и ние, како Агробизнис комора, тврдиме дека во наредниот период ќе има стабилност на цената на прехранбените производи, барем во сегментот на основни производи како житото, пекарските производи. Големиот притисок што го имаме е од друга природа и трае најмалку една година. Се работи за големиот одлив на човечките ресурси во западните и туристичките земји како Грција и Хрватска. Проблем е и ликвидноста на компаниите кои се соочуваат со недостиг на финансии, истакна Горан Ѓорѓиевски од Агро-бизнис комората, одговорајќи на новинарски прашања пред тркалезна маса за зелени иновации.
Како проблем ги наведе и високите каматни стапки, исто така и банките, како што рече, тешко одобруваат кредити и тешко овозможуваат пристап до финансии со соодветно ниска цена.