Целиот предлог-закон на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за забрана за објавување на „бомбите“

by Фокус 14:32
14:32

На интернет страната на Собранието веќе е објавен новиот предлог -закон на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за мораториум на „Бомбите“ што неколку месеци ги објавува лидерот на опозициксиот СДСМ, Зоран Заев.

Во Законот се предвидува медиумите да ги тргнат од своите веб страни сите текстови поврзани со материјалите од прислушуваните разговори и повторно никогаш не смеат да ги реобјават и користат. Во спротивно кривично ќе одговараат, со казни затвор од најмалку 4 години! Медиумите во иднина не смеат да објават ни збор од новите досега необјавени прислушувани материјали.

- Advertisements -

Еве што предвидува предложениот закон:

(1) Со овој закон се утврдува забраната за поседување, обработка, јавно објавување преку медиуми, социјални мрежи, веб портали и било која друга форма на јавно објавување и располагање на било кој начин со материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации, вклучувајќи и нивно користење и располагање во изборен процес.

(2) Со овој закон покрај забраната од ставот 1 на овој член се утврдува и обврска за предавање на материјалите од незаконско следење на комуникации на надлежен јавен обвинител, како и кривичната одговорност за непредавањето на материјалите и за нивно неовластено објавување и пренесување.

Член 2

Се забранува поседување, обработка, објавување и располагање на било кој начин со материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации.

Член 3

Тој што неовластено поседува, обработува и располага на било кој начин со материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации, ќе се казни со казна затвор од најмалку четири години.

Член 4

(1) Тој што неовластено на било кој начин ќе објави или пренесе прислушкувани или тонски снимени разговори или делови од нив или нивни транскрипти на територијата на Република Македонија или во странство, ќе се казни со казна затвор од најмалку четири години.

(2) Доколку делото од ставот 1 на овој член доведе до настанување на правни, материјални или други штетни последици на лице кое е инволвирано во објавените или пренесените аудио снимки или транскрипти од аудио снимки или нивни делови од незаконското следење на комуникациите, сторителот ќе се казни со казна затвор од најмалку пет години.

(3) Доколку делото од ставот 1 на овој член доведе до нанесување на тешки телесни повреди на лице кое е инволвирано во објавените или пренесените аудио снимки или транскрипти од аудио снимки или нивни делови од незаконското следење на комуникациите, или на нему блиско лице, сторителот ќе се казни со казна затвор од најмалку осум години.

(4) Доколку делото од ставот 1 на овој член доведе до смрт на лице кое е инволвирано во објавените или пренесените аудио снимки или транскрипти од аудио снимки или нивни делови од незаконското следење на комуникациите, или на нему блиско лице, сторителот ќе се казни со казна затвор од најмалку 10 години.

(5) Ако делото од овој член го стори правно лице ќе се казни со парична казна, а одговорното лице во правното лице ќе се казни согласно ставовите (1), (2), (3) и (4) на овој член.

Член 5

Секој кој поседува или има пристап до материјали од незаконско следење на комуникации е должен во рок од пет дена од денот на влегувањето во сила на овој закон да ги предаде материјалите на надлежниот јавен обвинител.

Член 6

Овој закон влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”.

Предлог законот во целост можете да го прочитате на следниот линк

 

 

Поврзани новости