ЦДУ го потврди Армин Лашет за кандидат за германски канцелар

by Fokus

Претседателството на германската владејачка партија ЦДУ го поддржа Армин Лашет во кандидатурата за канцелар на парламентарните избори во септември. По шестчасовен работен состанок Лашет ја доби поддршката од 77,5 проценти од гласовите на членовите на највисокото партиско тело.

Од 46 члена на претседателството, 31 член гласаа за Лашет, девет беа за неговиот против кандидат, лидерот на ЦСУ – Маркус Зедер, а шестмина беа воздржани.

По неуспешните обиди за време на викендот двајцата претседатели да постигнат меѓусебен договор за тоа кој од двајцата претставници на демо-христијанската коалиција ќе биде кандидат за функцијата канцелар, Зедер вчера соопшти дека одлуката ќе зависи од претседателството на ЦДУ, поголемата партија од двете во Унијата.

-Доколку претседателството на ЦДУ вечерва јасно го поддржи Лашет, ние ќе ја почитуваме таа одлука, изјавил Зедер.

Армин Лашет е премиер на Северна Рајна-Вестфалија и претседател на ЦДУ од јануари годинава, додека Маркус Зедер е шеф на баварската сестринска партија ЦСУ и премиер на Баварија. Иако ЦСУ, помалиот коалициски партнер ја претставува демохристијанската опција во Баварија, а ЦДУ во другите 15 германски покраини, Зедер инсистираше на своја канидатура поради подобриот рејтинг на анкетите.

Кандидатурата на Лашет допрва треба да биде потврдена и од раководството на ЦСУ.

Меркел, која е канцеларка од 2005 година, пред две и пол години објави дека нема да се кандидира за петти мандат.

 

Поврзани новости