Поранешната директорка, а сега докторка на Кожната клиника, Нина Цаца Биљановска поднела приговор на предлогот на Обвинителството да биде казнета со 10 илјади евра за ширење на заразна болест.
Од судот за Фокус објаснуваат дека како и сите казнети за време на пандемијата, Биљановска има право да поднесе приговор и да и биде закажано рочиште. Биљановска денеска се појави во суд, но рочиштето било одложено бидејќи нејзината одбрана чекала дополнителни докази.
Докторката беше една од првите заразени со Ковид -19 на почетокот на епидемијата откако се врати од скијање од Италија. Но, наместо да биде во изолација таа по враќањето одела на работа и била дел од научен симпозиум. Кожната клиника по нејзината зараза беше привремено затворена, неколку вработени беа позитивни, а дел во самоизолација. Биљановска беше разрешена од директорското место, но по нејзиното боледување се врати на работа како доктор на Клиниката.
-Обвинетата на 29 февруари се вратила во државава од регион во Република Италија преку граничниот премин Табановце. Но, притоа таа постапила спротивно на мерките и заклучоците на Владата согласно кои сите граѓани кои се враќаат од ризичните земји со зголемен број заболени од COVID-19, особено од Република Италија, имаа обврска да останат во домашна изолација во траење од 14 дена од денот на влегување во земјава. Исто така, со заклучоците, на сите вработени во државни и локални институции и претпријатија им беше наложено доколку во претходните две недели патувале или живеат со некој што патувал во земјите од среден или висок ризик за ширење на заразната болест, да не доаѓаат на работа и за тоа да ја известат институцијата каде работат, соопштија од Обвинителството во предлогот Биљановска да биде казнета.
Лекарската комора чека правосилна пресуда по што ќе одлучува дали ќе и биде одземена лиценцата за работа.
Ф.Ф.С.