Сексуалното насилство е едно од секојдневните форми на насилство во Македонија, но во исто време и едно од најмалку пријавуваните, вели министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, во интервју за порталот НоваТВ.
Причините за непријавување на сексуалното насилство, според министерката, генерално зависат од општествените предрасуди.
„Причините за непријавување се најразлични, започнувајќи од конзервативноста и патријархалноста на општеството, каде женската сексуалност се смета за неморална, а во исто време на телото на жената се гледа како на сексуален објект во сопственост на мажите, до непрепознавање на различните форми на сексуално насилство и недоволниот број законски одредби со кои тие се санкционираат“, посочува Царовска.
Според податоците на Министерството за труд и социјална политика во 2017 година биле пријавени 12 жртви на сексуално насилство во случај на семејно насилство, но министерката смета дека бројот на такви случаи е далеку повисок. Нецелосната статистика се должи на тоа што жртвите не ги пријавуваат своите напаѓачи.
„МВР располага со посеопфатна статистика за пријавени случаи, но верувам дека и таа бројка не ги одразува вистинските димензии на насилството во нашето општество“, додава министерката.
Царовска меѓу првите функционери јавно ја поддржа кампањата „Сега кажувам“, во која на социјалните мрежи се споделуваат искуства од сексуално вознемирување.