Ова е историски ден затоа што повеќе немаме деца од нула до три години сместени во институција, изјави министерката за труд и социјала Мила Царовска во Битола, каде потврди дека познатиот Мајчин Дом се трансформира и 27 деца се сместени во мали групни домови.
-Обезбедивме соодветни услови, топлина и семејна грижа во која децата може да се развиваат и да го постигнат својот максимален потенцијал, а притоа ги задржавме стандардите на институцијата. Со оваа активност направивме многу за нашата држава, поставен е нов стандард, ново ниво за заштита на децата во нашата држава и горди сме на тоа – посочи Царовска.
Битолската градоначалничка, Наташа Петровска, пак, рече дека сите деца се згрижени во подобри услови и во домашен амбиент.
-Но, објектот на Мајчиниот Дом во Битола и понатаму ќе биде функционален затоа што дел од сместувачкиот капацитет ќе биде адаптиран за деца кои се сметуваат во Детски градинки со што и нив ќе им излеземе во пресрет – истакна Петровска.
Амбасадорката на Велика Британија, Рејчел Галуеј, пак, истакна дека поддршката на проектот на Министерството за труд и социјална политика е мотивирана од желбата децата да бидат сместени во подобри услови.
-Овој процес е систематски и со цел да им се даде поддршка на децата и на семејствата во цела држава да може да ги одгледуваат своите деца и во таа смисла Велика Британија со задоволство сака да биде дел од овој владин проект – порача таа.