Откако триесетина жители на Визбегово вчера протестираа и бараа од нивната населба да се дислоцира домот во кој живеат деца на возраст од 13, 14 и 15 години, министерката Мила Царовска вели дека е разочарана што сѐ уште се соочуваме со предрасуди.
„Во однос на протестот на дел од жителите во Визбегово, навистина сум разочарана што сѐ уште се соочуваме со предрасуди, особено кога станува збор за деца. Трите деца сместени во малиот групен дом во Визбегово за првпат добиваат топол дом и 24 часовна грижа од стручни лица. Да не заборавиме дека позади синтагмата „социјално-воспитни проблеми и нарушено поведение“ се крие дете со тежок, несреќен почеток во животот. Должност е на државата, но и на целото општество, на секој од нас да направиме сѐ за да ги поддржиме да се развијат во идни активни, продуктивни и среќни млади луѓе. Се надевам дека разумот ќе преовлада и ќе се обединеме во заедничката цел – да обезбедиме топол дом и подобри услови за раст и развој за секое дете“, напиша на фејсбук министерката Царовска.