Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска по одлуката на Уставниот суд за укинување на одредбите за нормиран учинок при исплатата на минималната плата рече дека одлуките на судот не треба да се коментираат, туку да се почитуваат.
– Не би коментирала одлука на Суд. Таа се почитува таква каква што е донесена. Одлуката е во прилог на работниците. Имаше дебата и пред донесување на законот за минимална плата преку социјален дијалог на работодавачите и синдикатите. Седевме на маса и дискутиравме дали овој учинок да се остави или да се исклучи. Нормираниот учинок во претходниот закон беше во еден член, ние го дополнивме, додадовме уште три става во кои се образложува како ќе се проценува тој норминиран учинок. Сега Уставниот суд го укина тој член. Минималната плата треба да важи за сите работници и навистина очекувам дека таа ќе се практикува како таква, рече министерката Царовска во емисијата Топ тема на Телма.
Таа говореше и за реформте во системот за социјална заштита што се во подготовка и истакна дека тој ќе биде поконкретен, појасен, но и оти преку него ќе се направи обид за зголемување на вработливоста на долгорочно невработените лица.