Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, возврати на обвинувањата и нападите кои до неа ги упати пратеничката, Даниела Рангелова и порача дека од власта на ВМРО-ДПМНЕ наследила руинирана и згмечен систем за социјална заштита.
-Да не зборувам за центрите и институциите кои под ваше раководство и под ваша палка не само што уништени туку и покрадени. „Ранка Миланова“ престана да постои како јавна установа затоа што директор, поставен од вашиот министер, доби судска пресуда за проневера од 3 милиони евра. Од моментот кога сме седнати во оваа Влада работиме на стратегија за хуманизација на тие институции што вие ја кочевте – рече Царовска.
Додавајќи дека пред аргументите и боговите молчат, Царовска посочи дека просечната пензија е зголемена од 13.000 денари на почетокот на минатата година, на 14.186 денари во април годинава.
-Лицата под Кале, ги оставивте да гнијат под дупката. Ние уште првиот месец ги сместивме во институција која им обезбедува еден оброк дневно и кров над глава. Во Визбегово градиме привремена населба каде што тие семејства ќе се сместат, а децата се обиуваме да ги вклучиме во образование – одговори таа.