Васка Јанковска: Од сите политичари, само Амди Бајрам се сети на мене!

by Fokus
Васка Јанковска, жената која го испеа хитот ,,Едерлези’’ (,,Ѓурѓовден’’) во култниот филм ,,Дом за бесење’’ и долги години беше дел од бендот на Горан Бреговиќ, доби признание од Сојузот на Ромите за придонес и развој на Ромската филмска уметност.

Наградата и ја додели претседателот на Сојузот, Амди Бајрам, на свеченост која што се одржа во хотелот Александар Палас во Скопје по повод Меѓународниот ден на Ромите.

-Немам зборови да ја искажам мојата благодарност кон претседателот на Сојузот на Ромите, Амди Барјам, кој е единствениот од политичарите кој се сети на мене по сите години минати на светската сцена, како амбасадор на нашата Македонија. Цели 12 години пеев со Горан Бреговиќ, ме најавуваше на концерти и фестивали низ светот пред публика од 50, па и 100 илјади луѓе, секогаш како Васка од Скопје, Васка од Македонија. За време на турнеите, секогаш кога ќе ме прашаа од каде доаѓам, со гордост раскажував за Македонија, иако многумина ми кажуваа дека за прв пат слушнале за нашата земја или пак сретнале некој од Македонија – раскажува Јанковска.


Вели дека имала многу шанси да го продолжи животот во некоја друга, побогата земја, но сепак решила да остане овде.
-Никогаш не помислив да ја напуштам мојата земја, без оглед на тоа во какви услови живеев. Кога блиски луѓе ќе ми речеа – Васка, зошто не се преселиш некаде на друго место, имаш шанси за живот во странство поради твојата професија, веднаш одговарав дека како нашето сонце нема никаде. И се уште го мислам истото – тврди Васка.

Додава дека животот во Скопје не и бил секогаш лесен, но не се предавала. Музиката ја водела напред, и не зажалила што останала овде. Сепак, по сите настапи и претставувања на Македонија во светот, очекувала државата на било кој начин да се сети на неа.


-Сум пеела пред многу политичари, на политички митинзи, на разни прослави на партии. Пеев за Амди Бајрам, но пеев и на изборите за Бранко Црвенковски пред многу години. Еве, само Бајрам се сети на мене, ме израдува со признанието и ми направи голема чест. Благодарна сум му, ми покажа дека сепак некој го цени мојот труд, талент и моето дело. Само јас и покојната Есма Реџепова сме пееле на 150 концерти годишно и достоинствено ја претставуваме нашата земја. Жал ми е што таа не беше со нас, на овој важен настан, но Амди се сети и неа, и беше доделено постхумно признание за кралицата на Ромската песна – ни изјави Васка, која наскоро ќе има настапи пред публиката во Америка.

Покрај неа, признание добил и музичарот Ферус Мустафов и многу други лица кои дале свој придонес за развојот и промоцијата на Ромската култура и уметност.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости