Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска од Битола порача дека подготовките за државната матура за оваа учебна година се во тек и полагањето ќе биде во законскиот рок, во јуни следната година.
Пандемијата, порача таа, не треба да предизвика застој во развојот на учениците.
-Би сакала да ги поттикнам учениците до крајот на ноември месец да изберат проектна задача во делот на матура којашто ќе се случува оваа година и исто така, до крајот на наредниот месец, да изберат предмети коишто ќе сакаат да ги полагаат за матура. Не сакаме пандемијата да предизвика застој во развојот на нашите ученици коишто се нашата иднина. Токму затоа, согласно законските рокови, матурата ќе се извршува во текот на наредната година, истакна Царовска.
Таа додаде дека матура има во сите земји во регионот и во сите европски земји.
-Оваа година ќе треба да се случи и во нашата држава заради тоа што не сакаме да бидеме исклучок по одредени негативни практики. Токму затоа матурата е навистина значајна за утврдување на знаењата, но исто така и за понатамошниот развој на нашите млади граѓани од коишто очекуваме понатаму да ја водат државата и да го водат економскиот развој, изјави министерката.