Во текот на минатите четири седмици, царинските службеници спречија повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што се задржани облека, украси, хируршки материјали, стакла за очила, леќи за очи, маслиново масло, суплементи, парфеми, хидраулично масло, користени велосипеди и тротинети, ароми за наргиле и фалсификати.
Според информацијата привремено се задржани:
– 366 парчиња облека, 25 парфеми, 25 полначи за телефони и 2.000 синџирчиња и приврзоци, откриени во два одвоени случаи од страна на мобилните царински тимови.
Во првиот случај, на патниот правец Градско – Неготино бил сопрен македонски автомобил со кој патувале двајца македонски државјани. Возилото било однесено до царинската испостава Велес, каде при извршената контрола биле пронајдени 366 парчиња облека (женски хулахопки, машки кошули, женски блузи, хеланки, и женска и машка долна облека), 25 парфеми (BULGARI Rose Goldea 90ml, BOSS Jour 75ml, SELVACE 100ml, 818 VIP Rose 100ml, YSL Black Opium 85ml, POLO 100ml, BOSS The Scent 100ml, Euphonic 100ml и други) и 25 полначи за телефони, за кои возачот не поседувал документи за потекло и платени увозни давачки. Производите се привремено здржани а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
Во вториот случај, при контрола на македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат, во торба сместена на креветот во кабината на возилото, биле пронајдени 2.000 синџирчиња и приврзоци (плетени алки и синџирчиња со крстови и икони, пластични и метални приврзоци за клучеви со икони, пластични алки и метални крстови). Непријавените производи се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
– 185 парчиња облека (фустани, блузи, комплети, дуксери, здолништа, тренерки, бунди, елеци и јакни) откриени во три одвоени случаи на граничниот премин Богородица.
Во првиот случај, при контрола на грчки автомобил, управуван од грчки државјанин, пријавен за влез во државата, во три најлонски кеси сместени во багажникот на возилото биле пронајдени 111 парчиња облека (фустани, блузи, комплети, дуксери и здолништа). Непријавените производи се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
Во вториот случај, при контрола на македонски автомобил со кој за влез во државата се пријавиле двајца македонски државјани, во две кеси и две торби сместени пред совозачкото седиште и во багажникот на возилото, биле пронајдени 49 парчиња облека (машки блузи и тренерки). Непријавените производи се привремено задржани, а против совозачот кој се пријавил како сопственик на производите, ќе биде поведена соодветна постапка. Покрај тоа, поради сомневање дека производите повредуваат права од интелектуална сопственост, испратено е известување и до Одделението за нетарифни мерки при Царинската управа, за преземање понатамошни мерки.
Во третиот случај, при контрола на српски автомобил со кој за влез во државата се пријавиле двајца српски државјани, во 6 кеси и еден куфер сместени под и позади возачкото седиште, пред совозачкото седиште, на задното седиште и во багажникот на возилото, биле пронајдени 10 крзнени бунди и 10 крзнени елеци и 5 кожни јакни. Непријавените производи се привремено задржани, а против возачот кој се пријавил како сопственик на производите, ќе биде поведена соодветна постапка.
Медицински материјали и инструменти
– 819 парчиња хируршки материјали и инструменти (катетри, игли со конец, аортни канили, жици за фиксирање градна коска, венски канили, хируршки ножици, васкуларен графт, ларингоскопи и друго), откриени на Интернационалниот Аеродром Скопје, при рентгенска контрола на патните торби на македонски државјанин кој допатувал со лет од Истанбул. Непријавените производи се привремено задржани а против патникот ќе биде поведена соодветна постапка.
– 68 стакла за очила со диоптер, марка Gross Optic и Zeiss SV, и 30 парчиња леќи за очи, марка Bausch+Lomb Pure Vision и Bausch+Lomb Soflens, откриени од страна на мобилните царински тимови при контрола на српски автобус кој сообраќал на релација Ниш – Скопје, управуван од српски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените производи, пронајдени во личниот багаж на вториот возач, исто така српски државјанин, се привремено задржани а против сопственикот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
Маслиново масло и суплементи
– 560 литри маслиново масло (35 метални канти), откриени при контрола на патничко комбе со чешки таблички, управувано од чешки државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените приоизводи, пронајдени во багажниот простор и пред задните седишта, покриени со прекривки, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
– 5 литри, 4 килограми и 3.540 капсули суплементи за спортисти од марката Gold Touch, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран. Непријавените производи, пронајдени во најлонски кеси сместени на задното седиште на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
Арома за наргиле
– 149 шишенца од 60 ml со ароми за наргиле, марка Healthy Hookah, откриени на Интернационалниот Аеродром Скопје, при контрола на куферот на канадски државјанин кој допатувал со лет од Дубаи. Непријавените производи се привремено задржани а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.
Хидраулично масло, велосипеди и тротинети
– 208 литри хидраулично масло „Petronas hidraulic 68“ во метално буре, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на патничко комбе со албански таблички, управувано од албански државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Ќафасан. Бурето со непријавеното масло, пронајдено кај задните седишта кои биле спуштени и покриено со тренерка, е привремено задржано, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
– 27 користени велосипеди и 3 користени детски тротинети, откриени при контрола на стока со потекло од Швајцарија наменета за увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Скопје 4. Непријавената стока е привременозадржана а против увозникот ќе биде поведена прекршочна постапка.
Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост
– 79 парчиња ознаки за ташни од заштитени трговски марки, откриени при контрола на пратка од Хонг-Конг наменета за фирма увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Аеродром Скопје – отсек за стоково царинење. Поради сомневање дека производите повредуваат права од интелектуална сопственост, истите се привремено задржани и согласно законските одредби ќе биде поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност.