Стојан Трпчевски, уредникот на Информативната програма на МТВ, побара од порталот „Нова“ да се објави демант за текстот на Биљана Секуловска: „Јавниот сервис МРТВ – симбол на прогандно оружје” објавен на истиот портал. „Нова“ му го објави демантот во целост.
-Најостро ги демантирам обвинувањата дека како Уредник на информативната програма сум вршел цензура и притисоци врз новинарите, како и дека сум спроведувал пропаганда. Барам јавно извинување и повлекување на изнесените невистини согласно членовите 13 и 14 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, вели Трпчевски во демантот.
Секуловска му одговори дека нема да му се извини, зашто нема причина за тоа и му укажа на правописните грешки во демантот.
-Јавно извинување и повлекување на текстот нема да следи, затоа што нема ниту една причина за таков потег. Но, важно е да се знае дека Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета подразбира дека е нарушен нечиј углед и нечија чест, па ме интересира- дали Трпчевски ќе ги цитира меѓународните организации и институции кои секако дека пишуваат за неговата чест и неговиот углед, кога пишуваат извештаи за непрофесионалното работење на информативната редакција на МТВ. Инаку, за да не биде во заблуда публиката, целиот текст на Трпчевски е објавен во оргинал-тоа е и појаснувањето зошто во ваква форма е пренесен. Затоа што, “уредник” се пишува со мала буква, а не со голема, како што тој напишал во демантот- имено, кога станува збор за титула, односно звање, тие се пишуваат со мала буква, за да го почитуваме правописот, освен ако не станува збор за обраќање кон високи државни и црковни функции: Ваша Екселенцијо, Ваше Височество, Ваша Светост, Неговата Екселенција, Неговото Височество. Секако, во уметноста е дозволена и слободна форма, да се импровизира со правописот, во име на други, уметнички цели. Од друга страна, “Информативната програма” се пишува со голема буква, вели Секуловска во одговорот.