Трошановски: Првиот чекор во борбата против корупција е судството да се ослободи од партиски влијанија

by Fokus

„Првиот чекор во борбата против корупција е судството да се ослободи од партиски влијанија. Пред се, именувањата во контролните тела на судството, советот на обвинители и советот на судии коишто мораат да се тргнат од партиски влијанија. Ние гледаме каков срам беше судскиот совет за правната држава изминатите години, гледаме како предметите се развлекуваа до недоглед или од обвинителството не се отвараат предмети, траат вечно истраги за политички неподобни теми“ рече Марко Трошановски од претседател на Институтот за демократија на интервју на Слободен печат.

Тој додаде дека видовме дека застаре случајот Маџар Телеком, за кој има докази и во Америка и дека секој кој што сака да се справи со корупцијата мора да почне од таму.

„Прочистување на судството од аспект на ветинг не е тема како во Албанија каде што пола судии треба да ги избркаме и после не можеме да ги пофатиме предметите коишто ќе се наталожат“, рече Трошановски.

Тој додаде дека треба да постои комисија од независни домашни или меѓународни експерти која ќе ги проверува судските случаи.

„Би можела комисијата да го прочисти судството и тоа ќе биде добар почеток. Тоа е едното ниво. Второто ниво е законот за висока раководна служба којшто со години се одолговлекува и е закон којшто треба да ги оневозможи или намали влијанијата на партиите во номинирање на лица во јавната администрација“, посочи Трошановски.

 

Поврзани новости