Тројцата разрешени министри сепак ќе имаат право на апанажа

by fokus

Иако денеска Уставниот суд пресече дека функционерите кои ќе бидат разрешени или ќе си поднесат оставка нема да имаат право на апанажа, сепак оваа одлука нема да важи за министрите кои пред неколку дена беа разрешени.

Тие, доколку сакаат ќе го остварат правото на апанажа, бидејќи Уставниот суд денеска го укина, а не го поништи, членот 22 од Законот за плати и надоместоци на избрани и именувани лица. Ова значи дека одлуката на Уставниот суд ќе почне да важи од моментот кога ќе биде објавена во Службен весник, а не ретроактивно.

Затоа правото на апанажа и понатаму важи за разрешените министери од Алтернатива, односно за Беким Сали, Адмирим Алити и Џемаил Чупи.

Укинатиот член според Уставниот суд нема уставна оправданост.

-Судот го зема во предвид фактот дека до оставка или до разрешување доаѓа заради некаков вид на одговорност поврзана со вршењето на доверената функција.

Според Судот, оставката и добивањето на паричен надоместок во вакви случаи се меѓусебно неспојливи. И затоа е донесена укинувачка одлука, одредбата е спротивна на владеењето на правото кое е една од темелните вредности на нашиот Устав, предвидена во членот 8, појаснува Христина Беловска, портпарол на Уставниот суд.

Иницијативата беше поднесена на почетокот на 2022 година, од страна на Глигорие Ќатоски, адвокат од Струга.

Право на апанажа сепак и понатаму ќе имаат избраните или именуваните функционери на кои ќе им заврши мандатот, односно без да бидат разрешени или да поднесат оставка.

Валентина Вурмо

Поврзани новости