Под истрага за дисциплинска одговорност се тројца обвинители кои на 27 април не излегле да извршат увид во Собранието, иако во насилниот упад беа повредени неколкумина пратеници и новинари. Како што дознаваме, засега се уште нема одлука за дисциплинска одговорност, односно постапката е сѐ уште во тек.
Одговорност од обвинителите се бара бидејќи не излегле на терен, туку увидот во законодавниот дом го извршиле само припадници на МВР, иако се знае дека на лице место мора да излезе и јавен обвинител, кој им дава насоки на припадниците на МВР.
Поради овој недозволен пропуст на Обвинителството, истрагата за „крвавиот четврток“ се развлекуваше со месеци, и на почетокот само неколкумина осомничени се гонеа за „учество во толпа што ќе изврши насилство“.
Неприсуството на јавниот обвинител во Собранието создава и сомнеж дека дел од доказите биле сокриени, а неодамна на едно од судењата за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села се создаде сомнеж дека можеби сепак постоеле и снимки од прес центарот, каде што се одвиваше главниот напад, но на кои не им се знае трагата.
Дури по смената на тогашниот републички јавен обвинител Марко Зврлевски, летото, обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска влезе во Собранието, но само за да има претстава за внатрешноста на Собранието, бидејќи за се останато веќе беше доцна.
Набрзо потоа, на распите беа повикани и неколкумина пратеници и Митко Чавков, некогашниот директор на БЈБ, кои станаа обвинети.
Доколку за овие обвинители биде утврдена дисциплинска одговорност, тогаш против нив можат да се изречат неколку дисциплински мерки утврдени со Законот за јавното обвинителство: писмена опомена, јавен укор, намалување на платата во висина од 15 до 30 проценти, во траење од една до шест месеца, суспензија и разрешување од функцијата јавен обвинител.
Валентина Вурмо