Тројца кандидати засега се пријавени за претседателските избори во Црна Гора, закажани за 19 март. Станува збор за Андрија Мандиќ, претседател на НСД и еден од лидерите на Демократскиот фронт, Милојко Спајиќ, лидер на движењето Европа сега и Дејан Вукшиќ од Христијанско-демократското движење.
Лидерот на Демократите Алекса Бечиќ синоќа најави дека и неговата партија ќе има свој кандидат, но не ја исклучува можноста да го поддржи кандидатот на ПЕС Спајиќ.
Партиските тела на партиите членки на ДФ вчера му дадоа поддршка на Мандиќ, кој, како што јавија од Нова, кажа дека верува во победа и дека очекува поддршка од сите граѓани на Црна Гора.
-Ова е битка за помирување, ова е битка за сите што не сакаат Црна Гора да биде заробеник на мафијата, како и оние странски адреси кои не и мислат добро на нашата земја. Центарот на одлучување за иднината на оваа земја мора да и го вратиме на Црна Гора. Ги повикуваме сите граѓани кои сакаат оваа земја да оди напред и да излезе од омразата и поделеноста да бидат заедно со нас на патот кон победата, рече Мандиќ.
Кандидатурата на Мандиќ ја поддржаа Демократската народна партија, Движењето за промени и Работничката партија.
Спајиќ во гостувањето на ТВЦГ рече дека имаат најголеми шанси да победат на претседателските избори и дека е важно земјата да не се врати во 90-тите години.
Тој додаде дека ПЕС го поддржува ставот на Демократите, за кои вели дека можат да имаат кандидат и тоа така што ќе го поддржат него. „Тоа може да биде замаец и столб за идното делување на овој блок, кој, убеден сум, ќе победи на претстојните избори“, рече Спајиќ.