Зоран Заев и СДСМ со специјалци и борбени оклопни возила се обидоа да спречат мирен земјоделски протест, рече на прес конференција Цветан Трипуновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
-Како во најцрните времиња на комунизмот народот требаше да биде заплашен и замолчен. Земјоделците го живеат најцрниот период во овие 29 години македонска држава. Големиот одзив, и покрај полициските сили и притисоци на Заев и Спасовски покажуваат колку е тешка маката на македонските земјоделци. Субвенциите не стигаат до крајниот земјоделец, а целиот сегмент е во рацете на локални моќници кои печалат на маката и трудот на работливите земјоделци – рече Трипуновски.
Според него, власта вчера го прекршила Уставот на Република Македонија, кој го гарантира правото на протест.
-Правото на протест не може да биде ограничено. Зоран Заев вчера го ограничи. Заев вчера крена рака против сопствениот народ. Само тоталитарни режими се обидуваат со сила да го замолчат народот. Од вчера власта на Зоран Заев и официјално е тоталитарна. Заев без срам прати специјални единици против сопствениот народ. Против напатени земјоделци кои цела година работат, а не можат да спечалат ни за леб. Заев вчера покажа дека е исплашен – истакна тој.