Трипуновски ги нарече АХВ неодговорни, оттаму велат дека тој е нестручен и шири дезинформации

by Fokus

Агенцијата за храна и ветеринарство најостро го осудува обидот на Цветан Трипуновски, член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ со денешната изјава и презентирањето на невистини да ја доведе во заблуда јавноста дека АХВ не ја информирала јавноста за преземените мерки за превенција и спречување на ширење на болеста африканска свинска чума во земјава, по откривањето на 21 тони замрзнато свинско месо по потекло од Шпанија, кај кое беше утврдено присуство на вирусот на оваа болест.

-Две недели поминаа откако во државата е утврдено присуство на болеста Африканска свинска чума во увезено свинско месо, а граѓаните се уште не знаат дали е преземено се што е потребно за да се превенира ширење на ова заразно заболување. Неодговорната власта предводена од СДСМ, и АХВ раководена од Зоран Атанасов, кадар на Зоран Заев, нестручно и крајно несериозно чекале една недела од влезот на заразеното месо во државата за да земат мостри од истото. Дали заразеното месо дошло во контакт со други пратки кои биле во складиштето!? Колку уште случаи на Африканска свинска чума ќе излезат во јавност како последица на неодговорноста на власта!?, праша Трипуновски.

Според АХВ, некомпетентноста, нестручноста и политиканството на Трипуновски, кој денес ја обвини Агенцијата за ненавремено преземање на мерки и земање на мостри од заразеното месо, имаат само една цел – непотребно ширење на дезинформации, создавање на паника кај граѓаните и сточарите, неосновано доведувајќи го во прашање кредибилитетот на институцијата, која досега, успешно ја менаџира имплементацијата на мерките за спречување на појава и ширење на африканската свинска чума кај нас.

-Место денес да организира театрални прес конференции, Трипуновски уште на 10 октомври требаше само убаво да слуша, што како транспарентна институција, Агенцијата ја информираше јавноста околу овој случај, а на која беа најавени и мерките за уништување на спорната пратка. За да се потсети, што тогаш беше кажано, Трипуновски уште денес може да ја посети и интернет страната на Агенцијата, велат во нивната реакција.

Поврзани новости