Бизнисменот кој беше мнозински сопственик на пропаднатата Еуростандард банка, Трифун Костовски објави граѓанска непослушност откако Кривичниот суд му ја отфрлил неговата жалба што ја поднел на одлуката да му биде замрзнат приватниот имот.
-Од денес ја објавувам мојата граѓанска непослушност кон сите институции во Република Македонија, бидејќи постапките кои системот ги прави против мене и моето семејство ги надминува сите граници. Можеби сум и единствениот Македонец кој сите спечалени пари надвор во белиот свет сум ги донел во земјава и за жал изгубил од луѓе кои се занимаваат со матни зделки, а се блиски до политичките структури. На мојата жалба до основниот Кривичен Суд Скопје, по основ на замрзнување на мојот приватен имот, добив решение во коешто со големи букви е напишано „жалбата се отфрла како недозволена“, објави Костовски на неговата Фејсбук страница.
Тој вели дека судството е контролирано од извршната власт и дека е само продолжена рака на организираниот криминал.
За пропаѓањето на Еуростандард банка се водат неколку постапки, Обвинителството постапува по кривични пријави поднесени до нив, а истрага моментално води Финансиската полиција. Директорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми неколку пати изјави дека се на добат пат кон трагата на парите, но засега не се открива ништо повеќе. Оштетените штедачи си ги бараат парите, а сопственикот обвинува за неправедно затворање на неговата банка позади кое, според него стојат, Народната банка и политички и бизнис структури.