Бизнисменот Трифун Костовски (71) денес ќе промовира шест нови песни, кои ќе се најдат на неговиот нов албум кој се подготвува во студиото на Александар Митевски.
Настанот ќе започне во 17 часот, во локалот Мистер Џек во Скопје, а пред присутните ќе се обратат актерот Драган Спасов – Дац и композиторот Александар Митевски.
Митевски и Григор Копров се автори на новите песни на Костовски, од кои повеќето биле балади.
Поранешниот градоначалник на град Скопје, успешен бизнисмен и голем хуманист, никогаш не криел дека музиката е негова голема љубов. Се уште е актуелен неговиот дует со Митевски за песната ,,Срце тетовирано” а зад себе го има и албумот ,,Душа македонска” кој излезе во 2003 година.
Иако ,,пропеа” на свои педесет години, тој имаше повеќе настапи пред нашата публика. Беше гостин на концертот на легендарниот Кемал Монтено, пееше со Арсен Дедиќ, лани и годинава имаше своја шоу програма на фестивалот ,,Охридски трубадури”. Често пати изјавува дека музиката е посилна од него и дека ја има поддршката од семејството за ова негово хоби. На 31–ви октомври ќе биде специјален гостин на солистичкиот концер на Ѓоко Ѓорчев, кој ќе се одржи во МОБ и е насловен ,,My way”.
Вики Клинчарова