Триесет години членство во ОН

by Фокус

Историските книги што оперираат со дати, а не со страдањата на луѓето, ќе заклучат дека многу е сторено за 30 години. Носена од огромниот бран на демократизација од почетокот на 1990-тите, една од најмалите држави и нации во Европа ја оствари својата независност на мирен начин и ги реши своите домашни и меѓународни спорови со компромиси

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

Еден убав пролетен ден 1992 година, нашата мала делегација од Македонија, јас, како министер за надворешни работи, и двајца дипломати од Министерството, Сашо и Јон, се построивме пред влезот за посетители на ОН, со група јапонски туристи со камери на градите.

Бевме „шверцувани“ во зградата како туристи на средба со претставници на ОН. Не беше ништо невообичаено за мене: таква е судбината на претставник на непризнаена држава.

На конференциите на ОБСЕ во Хелсинки или Прага, на пример, бев „шверцуван“ во конференциските коридори како новинар, чекајќи да се отворат вратите за пауза. Тогаш имав шанса да се сретнам со претставници на држави за да им го изложам нашиот случај.

Истата година, од истата причина, не успеа мојот обид за средба со претставник на НАТО во Брисел: Република Македонија не беше меѓународно призната држава.

ПОЛИТИКА НА МИРОЉУБИВО САМООПРЕДЕЛУВАЊЕ

Членството во ОН беше нашиот сон, и со право. Само како членка на ОН, државата добива своја легитимација и станува дел од меѓународното општество на држави. Држава без таква легитимација е како поединец без лични документи. Како се изборивме за тие документи?

Доминантниот наратив меѓу националистите во тогашна Југославија беше дека тоа не може да се оствари без да се пролее крв зашто, нели, сите се „против нас“. Ние размислувавме поинаку.

Независноста ќе ја оствариме преку политика на мирољубиво самоопределување зашто верувавме дека ЕЗ и САД се со нас. Два фактори придонесоа да се оствари оваа политика на мирољубиво самоопределување: настаните на меѓународната сцена и настаните во Македонија.

На меѓународната сцена заврши Студената војна и сите зборуваа за големата победа на демократијата, човековите права и правото на самоопределување. Нешто како крај на историјата со дефинитивната победа на либералната демократија.

Тоа беше време на големи очекувања: беше прогласен „нов светски поредок“, во кој владеењето на правото го определува поведението на државите, па ние бевме понесени од овој огромен бран на ентузијазам што ја зафати Европа и Америка. Тоа што работите не испаднаа токму така е приказна за себе.

На домашната политичка сцена, владата што ја претставуваше тврдата линија на комунистичката партија го подготви патот кон партискиот плурализам со законски промени изгласани во парламентот, патем пренесувајќи ја власта на либералната фракција во комунистичката партија.

Така почна преминот кон демократија за кој, како што гледаме сега, не е потребно многу време, за разлика од променетата состојба на авторитарниот во демократски ум, за кој се потребни генерации.

Во период кога демократијата ги правеше првите чекори во државата, надворешната политика беше формулирана и водена од канцеларијата на претседателот на државата. Владата и парламентот немаа значаен удел во оваа важна сфера на политиката.

За среќа, имавме умерен и интелигентен претседател, кој поседуваше дипломатски такт, Киро Глигоров, човек кој за цел имаше независност преку мирољубиво самоопределување.

НЕ ДОЦНЕВМЕ НИЕ, БРЗАА НАЦИОНАЛИСТИТЕ

Во тие почетоци на едни страшни времиња, кои ќе завршат со етнички колежи во Југославија, Европа, со поддршка на Америка, организираа конференција за Југославија, на која републиките, преку своите претседатели и министри за надворешни работи, беа повикани да ги образложат своите политики.

Тогашната Република Македонија, денес Република Северна Македонија, стана најконструктивниот фактор на конференцијата. Планот на лордот Карингтон беше копија на нашата позиција, која, на барање на претседавачот, ја формулиравме на еден лист хартија, на почетокот на конференцијата.

Во тие времиња на деструкција на Југославија не беше популарно да се залагате за реконструкција на федерацијата во асоцијација на суверени држави. Моравме да се спротивставиме на доминантните националистички емоции, кои значеа конфликт и можна војна.

Се појавија теории на заговор дека претседателот и министерот за надворешни работи го опструираат приемот на државата во ОН зашто се „експозитури“ на Белград.

Дека Словенија и Хрватска треба да ни се примери. Дека Македонија пропушта уште една шанса за државност, согласно нашиот историски мит дека никогаш и никаде не стасуваме на време.

Беше тешко да се објасни дека ние во Македонија не доцниме, туку дека националистите брзаат во војна. Подоцна, фактот дека станавме членка на ОН, само единаесет месеци по Словенија и Хрватска, беше целосно игнориран.

Затоа, пак, во моментот на најголемата победа на нашата нација и на нашата држава, кога бевме примени во ОН, националистите прогласија пораз.

Компромисот околу референцата, поранешна југословенска Република Македонија, со кој се одбегна конфликт, па и можен воен напад од соседна Грција, требаше да го поништи целиот успех на политиката на мирољубиво самоопределување.

Интересно, како што, со протекот на времето, се намалуваше опасноста од војна, крикот за нашето национално понижување стануваше сѐ погласен.

Притисокот врз Македонија да прави компромиси со своите соседи за да опстане и продолжи да се движи кон евроатлантските интеграции, не им го олесни животот и на идните генерации умерени политичари.

„БАЛКАНСКО БЕБЕ ОД КАТРАН“

Како што се востановуваше демократскиот плурален систем, теми каква што е националната гордост, станаа изборни слогани. Тие слогани се тука и ден денес.

Но, триесет години подоцна, Република Македонија, денес Република Северна Македонија, непризнаената територија до 1993, која еден американски претставник во Скопје ја нарече „балканското бебе од катран“, е членка на ОН, членка на НАТО и претседавач со ОБСЕ.

Историските книги што оперираат со дати, а не со страдањата на луѓето, ќе заклучат дека е многу сторено за триесет години. Носена од огромниот бран на демократизација од почетокот на 1990-тите, една од најмалите држави и нации во Европа, ја оствари својата независност на мирен начин и ги реши своите домашни и меѓународни спорови со компромиси…

(Делови од обраќањето на панелот во ОН по повод 30 години членство на државата во светската организација, Њујорк, 5.5.2023)

Поврзани новости