Министерот за здравство Венко Филипче на денешната трибина во организација на СДСМ насловена Агенда-Здравство 20-24, презентирајќи ги основите на партиската програма за претстојните избори во делот на здравството, рече дека ќе започне изградбата на новиот Клинички центар и ќе се реновираат најстарите одделенија во болниците.
-Секоја година зголемување до 10 отсто на платите на здравствените работници – рече Филипче, додавајќи дека ќе се овозможи платен работен стаж за секој нов млад лекар и ќе се разгледа опцијата на сите лекари на специјализација, кои го немаат решено станбеното прашање, да им се додели субвенција од 12.000 денари месечно.
На трибината присуствуваше и поранешниот министер за здравство на Хрватска и консултант на Светска банка и Светска здравствена организација, Синиша Варга, кој истакна дека земјава направила сериозен исчекор кон подобрување на целокупната слика на здравството, здравствените услуги и услови за работа на здравствените работници.
-Можам да кажам дека вие за малку пари давате многу здравје. Ние и како социјалдемократи треба да одговориме на прашањето што сакаат пациентите? Сакаат добри здравствени услуги по ниски цени. И тоа е возможно да се постигне. Треба да се исфрли неефикасноста. Имаме нелогичности, лошо трошење на ресурси и тоа кажува дека има многу простор за подобрување – рече Варга.
Универзитетската професорка Александра Грозданова, пак, рече дека за 6 месеци бил зголемен опфатот на имунизација на 99,5 отст, што, меѓу другото, било овозможено преку транспаретна постапка за набавката на вакцините.